Куманово

Добиточниот пазар во Куманово работи, но без свињи

19.05.2023 11:41

Повторно почна да работи добиточниот пазар во Куманово, кој беше затворен поради состојбата со африканската чума. Пазарот ќе работи, но нема да се продаваат свињи. Од АХВ потврдуваат дека во земјава е стабилна состојбата со оваа свинска болест...

Укината е забраната за работа на добиточниот пазар во Куманово, која беше на сила поради воведените мерки за болеста африканска чума кај свињите. Надлежните од јавното претпријатие „Пазариште“ Куманово информираат дека добиле решение за работа од Агенцијата за храна и ветеринарство. Согласно новите мерки дозволена е продажба на сите животни, освен на свињите.

„Пред една недела почнавме да работиме и мислам дека сега е нормално, ги информираме и трговците, оние што чуваат добиток и јавноста дека од сабота почнавме со работа“, истакна директорот на кумановскиот пазар, Гзим Кадриу.

Од АХВ информираат дека ќе ги повлечат или продолжат мерките за забрана за промет со сите видови животни на кумановскиот пазар, во зависност од епидемиолошката состојба. На територијата на целата држава велат засега состојбата е стабилна. Нема потврдено појава на нови случаи на заболени или угинати животни. Дозволена е репопулација на свињарските фарми, но, по точно дефинирани услови. Од почетокот на болеста во јануари до денес, одземени и нештетно уништени се вкупно 4.216 свињи од 460 одгледувалишта на територијата на целата држава. До Агенцијата пристигнале 493 барања за исплата на надомест за штета од скоро 44 милиони денари.

 

 

Елена Георгиевска