Лидерите на Г7 на Самит во Хирошима
Иако пред неколку месеци планот беше да дискутираат за глобалната лекција од пандемијата на Ковид-19, сепак геополитичките состојби на дневен ред донесоа низа други прашања. Војната на Русија против Украина, влијанието на Кина, нуклеарното вооружување, економските предизвици, главни теми за дебата...

Лидерите на Групата седум индустриски (Г7), најразвиени земји на Самит во Хирошима. Иако пред неколку месеци планот беше да дискутираат за глобалната лекција од пандемијата на Ковид-19, сепак геополитичките состојби на дневен ред донесоа низа други прашања. Војната на Русија против Украина, влијанието на Кина, нуклеарното вооружување, економските предизвици, главни теми за дебата.
„Светот сега се соочува со повеќекратна криза, климатска криза, пандемија и руска инвазија на Украина. Под овие околности, Г-7, која ги споделува фундаменталните вредности, мора ефективно да одговори на важните прашања со кои се соочува меѓународната заедница и да го води светот“, изјави Фумио Кишида-премиер на Јапонија.
На самитот во Јапонија свое обраќање има и украинскиот претседател. Од ЕУ истакнаа дека ќе продолжат со воена, политичка, хуманитарна и финансиска поддршка за Украина. Стотина демонстранти недалеку од хотелот каде се одржува самитот протестираат против војната и Г7 воопшто.
„Ќе ја потврдиме нашата поддршка за напорите на Украина за траен мир, нашата поддршка од ЕУ за мировната формула на Зеленски. Овде во Хирошима ќе ја потврдиме нашата целосна поддршка за Договорот за неширење на нуклеарно оружје. Ќе ја ограничиме трговијата со руски дијаманти. Руските дијаманти не се вечни и отворено ќе кажеме зошто овие санкции се неопходни и оправдани. Руската пропаганда е изградена на лаги и заговор“, изјави Шарл Мишел-претседател на Европскиот совет.
Во меѓувреме, нови руски напади врз Киев. Украинската одбрана тврди дека уништила 19 од 28 дронови и проектили лансирани од Русија. Дискусија за украинското вооружување и на состанокот на советот за безбедност на ООН на барање на Русија. Како пандан на самитот на Г7, кинескиот претседател Си Џинпинг отвори дводневен состанок во Сиан со лидерите на петте централноазиски држави.
„На светот му треба Централна Азија која е стабилна, просперитетна, хармонична и поврзана. Важно е да ја продлабочиме стратешката меѓусебна доверба и секогаш да се поддржуваме за прашања кои се однесуваат на суверенитетот, независноста, националното достоинство и долгорочниот развој. Земјите од Централна Азија треба да одржуваат нулта толеранција кон тероризмот, сепаратизмот и екстремизмот“, изјави Си Џинпинг-претседател на Кина.
Вчера, специјалниот пратеник на Пекинг, Ли Хуи, по посетата на Киев повика на создавање услови за мировни преговори меѓу Русија и Украина.
Маријана Димовска
