Македонија

Агелер: Земјата е дојдена до точка, кога сама треба да ја отвори вратата и да се движи напред

19.05.2023 12:51

Земјата е дојдена до точка кога сама треба да ја отвори вратата и да се движи напред кон својата посветла иднина, вака американската амбасадорка Агелер ја опиша моменталната ситуација со македонските евроинтеграции. Во интервју за државната МИА, рече дека не треба да заглавува во негативните наративи што доаѓаат од надвор, но и од внатре...

Граѓаните на земјава направија тешки одлуки меѓу кои и промена на името, но ги препознаваат придобивките од евроатлантските интеграции, истакна во интервју за МИА американската амбасадорка, Анџела Агелер. Во однос на уставните измени кои се есенцијални за процесот, Агелер смета – или си поддржувач или си против, но се надева дека партиите ќе преземат активности за интеграција во ЕУ.

„Има луѓе надвор од оваа земја, а и во земјава, кои би сакале да му наштетат на процесот на придвижување напред, а постои и временска рамка со Европската унија, како и следна меѓувладина конференција, која е важна и доаѓа во ноември, така што и тоа е дел од разговорот. Има и такви, кои велат дека не ги поддржуваат уставните измени, освен ако нема предвремени избори, па потоа ќе ги поддржат. Мислам дека или поддржуваш, да се направи она што е потребно за придвижување кон ЕУ или си против. Се надевам дека оние, во која било партија, кои се грижат за иднината на оваа земја, ќе донесат одлуки за да се продолжи напред“, рече Агелер.

Ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени, го изнесе неколку пати партискиот лидер Мицкоски. Тој рече дека е за промени на Уставот, по хрватски модел, но исто така рече и дека во овој собраниски состав, нема да се случат измените на највисокиот правен акт во земјава.

Анита Димитријевска Велковска