Северна Италија и понатаму во црвена тревога, расте бројот на жртви
Бројот на жртви од поплавите во Италија се искачи на 14 лица. Водата полека се повлекува, но расте опасноста од свлечишта. Над 13 илјади луѓе се евакуирани, а околу 30 илјади се без струја. Поплави и во Хрватска. Во Петриња и во Сисак е прогласена вонредна состојба. Водата од реката Купа го проби насипот. Хрватскиот премиер најави помош за да се санираат штетите...

Водата полека се повлекува, но расте опасноста од свлечишта. Североисточна Италија и натаму во црвена тревога. Бројот на жртви се зголемува во регионот Емилија-Ромања. Десетици илјади се евакуирани, а уште толку се без струја.
„Вчера беше апокалипса. Јас сум волонтер од соседна област и се обидувам да помогнам.“
„Градот работи постојано, но проблемот е што добиваме удари од сите страни, изгледа е пукната некоја брана.“
„Не сме виделе нешто вакво, барем не овде.“
И делови од Хрватска сè уште под вода. Во Петриња и Сисак прогласена вонредна состојба. Водата од реката Купа го проби насипот. Хрватската влада најави помош за санирање на штетите. Поплави и во Босна и Херцеговина. Во западните и северозападните делови од земјата е прогласена вонредна состојба. Досега не се пријавени повредени или загинати. Во Босанска Крупа се излеаја реките Уна и Крушница.
„Жената и децата влегоа во кола и побегнаа. Другото можете да го видите и сами.“
„Катастрофа е, сè се случи за 10-15 минути. Расчистуваме кај јагодите, обично по многу дожд јагодите скапуваат. Врнежите почнаа додека бевме таму. За 15 минути сè беше под вода.“
Свлечишта, поплави и евакуации регистрирани и во Словенија. Научниците предупредуваат – поројните дождови и поплавите ќе се повторуваат и во наредните децении доколку владите не преземат мерки во борбата со климатските промени.
Маја С. Филдишев
