Премиерот Ковачевски на средба со лидерите од владината коалиција
Премиерот Ковачевски ги свика коалициските партнери на средба во Клубот на пратеници. Главна тема – следните чекори што треба да се направат на интегративниот пат, поврзани со уставните измени. Шефот на владата рече дека не смее да се пропушти шансата. Ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да донесе одлука, дали ќе се приклучи кон европскиот блок и најави дека ќе поднесат амандмани што ќе бидат прифатливи за сите. Ковачевски не размислува за оставка. Бара да се разбере сериозноста на моментот...

Владиното мнозинство е стабилно и заеднички до 2030 ќе ја внесеме земјава во Европската унија – изјави премиерот Ковачевски по средбата со коалициските партнери во Владата. Тој повика на политичка одговорност за остварување на стратешките цели на државата, додавајќи дека нема повеќе време за губење и оти оваа шанса за продолжување на европскиот пат мора да се искористи. Премиерот Ковачевски најави дека ќе се изготват амандмани за уставните измени што ќе бидат прифатливи за сите. Го повика политичкиот опонент ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи на европскиот блок.
Откако неколку партии најавија можно напуштање на коалицијата, ковачевски најави дека со партнерите ќе одржи нови средби за да се надминат разликите за една изборна единица, за законите за автопатиштата и за другите барања, но, како што посочи на лидерската, сите даваат недвосмислена поддршка за европскиот пат на државата.
Од ЛДП сметаат дека не е време за калкулации. Претседателката Зајкова повика на разум и проактивност кај сите политички партии.
Прашан доколку уставните измени не го поминат собранискиот филтер, дали ќе си поднесе оставка, премиерот вели дека воопшто не размислува за тоа.
Марина С. Тонева
