европски парламент

Објавена нацрт-резолуцијата за Македонија

19.05.2023 18:41

Европскиот парламент го објави Извештајот на известителот за земјава, Илхан Ќучук. Во него, се поздравува посветеноста за интеграција во Унијата, но, и се повикува на зрелост во билатералните односи. Во резолуцијата се споменува 2030 година како временска рамка до кога би треба да ги исполниме условите за членство …

Во нацрт резолуцијата на известувачот за Македонија, Илхан Ќучук се нагласува дека проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во долгорочен мир, а Северна Македонија се етаблира како сигурен партнер и спроведе трајни реформи на патот кон ЕУ.

ЕП ги повикува креаторите на политиките да поттикнат национален консензус за интеграцијата во ЕУ, надградувајќи се на успешното започнување на процесот на проверка и да работат на постигнување, до 2030 година, на амбициозната цел за исполнување на критериумите за членство во Унијата.

Илхан Ќучук, ја поздравува добро воспоставената хармонија меѓу заедниците во Северна Македонија и ја повикува земјата да ја задржи својата долгогодишна посветеност на мултикултурализмот и инклузијата.

Тој предупредува против обидите за поткопување на мирните меѓузаеднички и билатерални односи.

Во резолуцијата се повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи, ги повикува регионалните партнери да ја вратат довербата и да соработуваат во меѓусебно почитување и во дух на добрососедство.

Ги повикува носителите на политички одлуки и општества во Бугарија и Северна Македонија да преземат заедничка одговорност и да ја вратат позитивната агенда меѓу двете земји во духот на Договорот за пријателство; ја изразува својата поддршка за продолжување на дипломатскиот и социјалниот дијалог со цел со добра волја да се решат билатералните поплаки.

Известувачот исто така ги поддржува напорите за постигнување договор за уставни измени кои би вклучиле дополнителни заедници во преамбулата на Уставот на Северна Македонија.

Како што можеше и да се очекува на извештајот долг само десет страници, поднесени се дури 320 амандмани на 161 страница, за кои ќе расправа Комисијата за надворешни работи, во кои бугарските европратеници ќе се обидат да ги вметнат нивните веќе добро познати критики кон Македонија.

 

Тони Гламчевски