Здравство

„Храбро срце“ со години чека ослободување од партиципација

20.05.2023 14:49

Националното здружение „Храбро срце“ со години бара ослободување од партиципација на пациентите со механичка поддршка на срце. Врзани со механичка пумпа 24 часа, овие луѓе се комплетно зависни од напојување, батериите, каблите и струјата, значат живот. Трошоците за лекување им се превисоки, голем дел од пациентите се немоќни да плаќаат...

Националното здружение „Храбро срце“ со години добива ветување за ослободување од партиципација на пациентите со механичка поддршка на срце. Се менуваат министри, а досега не е исполнето ветеното.

Од здружението велат, после долги напори и преговори, пациентите добиле резервни батерии, кои требало да бидат бесплатни, но и нив ги платиле.

„Оние кои променија две батерии платија двесте евра. Исто така за каблите коишто се поврзани со нашите уреди во нашето тело кои се неопходни се веќе оштетени. Се работи за години користење на истиот кабел кој не можеш да го промениш сам. И тие кажаа дека ќе ги менуваат, а сега не ги менуваат тешко оди“, изјави Васко Јолески претседател на Националното здружение „Храбро срце“.

Дел од пациентите со механичка поддршка на срце, чекаат трансплантација на срце, но доколку се најде соодветен донатор, поради спецификата на болеста, државата треба да обезбеди итен превоз на стручни лица од странство.

„Жалосно е да пропаѓаат органи коишто се на дофат, значи ги има, ама не се врши трансплантација, нема доволно логистика за да се изврши операцијата. Додека се тапка во место, многу животи можеа да бидат продолжени и поквалитетно да живеат“, додава Јолески.

Врзани со механичка пумпа 24 часа, овие луѓе се комплетно зависни од напојување, батериите, каблите и струјата, значат живот. Петнаесетина пациенти во државата се секојдневно изложени на ваков животозагрозувачки ризик, а трошоците за лекување им се превисоки.

 

Соња Рилковска