Новите технологии клуч за развој на туризмот
Напредните технологии се дел од современиот туризам и доколку сакаме да бележиме развој во овој сектор од стопанството мораме да се прилагодуваме. Тоа е особено важно доколку сакаме да привлечеме туристи од помладите генерации кои се приврзаници на збогатената и виртуелна реалност, при што однапред можат да се запознаат со дестинацијата што сакаат да ја посетат.

Примената на иновациите и напредните технологии се од суштинско значење за развојот на туризмот. Концептот на Смарт туризам е сè поприсутен во развиените земји и доколку сакаме да бидеме привлечни како дестинација дигитализацијата и новите технологии мора да се наш приоритет, велат експертите. Збогатената и виртуелната реалност е алатка која на потенцијалните туристи им овозможува без физичко присуство на некое место да го чувствуваат просторот.
„Во пракса тоа може да биде кога гледате еден објект којшто е во остатоци на пример од културно наследство, веќе можете во истовреме да ја гледате реконструкцијата и во многу да ви помогне да се вратите во времето како таа изгледала, што за обичниот човек е недостапно. Тој не може денес од едни обични остатоци една базилика да реконструира“, изјави Проф. д-р Сашо Коруноски-експерт за културен туризам.
Виртуелната тура не може да ја замени класичната, меѓутоа е алатка во однос на туристичките движења. Поради што вештачката интелигенција е иднината на туризмот.
„Платформата „ЧАД-ЏИ-ТИ“ којашто сите ја користиме значи персонализирани информации. Ако порано на Википедија баравме за Охрид и за сите тие елементи на просторот, денес вие лично се обраќате до една платформа, до бот, којшто ви дава за вас информации. Тоа не се информации од општ карактер кои истите на другиот ќе му ги даде. Што значи персонализирано искуство, а тоа е искуство на туризмот од 21 век“, додаде Коруноски.
Структурата на гостите коишто сега доаѓаат од странство се повозрасни лица, а наш таргет треба да бидат младите кои без овие алатки тешко дека ќе се одлучат да не изберат како дестинација, вели Коруноски.
Сашо Нелоски
