Опаѓа бројот на првачиња во Штип
Опаѓа бројот на првачиња во штипските училишта. Во последните три години се запишуваат од дваесет до триесет насто помалку деца од евидентираните. Уписите на првачиња во Штип годинава се и со измени во реонизацијата, откако Судот за човекови права во Стразбур укажа на постоење на сегрегација во едно училиште...

Секоја генерација на првачиња во Штип е помала од претходната. Намалениот наталитет и иселувањето најмногу се чувствуваат во училиштата. Минатата година разликата меѓу евидентираните и запишаните првачиња изнесуваше дури 200 деца. Намален број првачиња се очекуваат и од септември.
Освен со осипување на бројот на ученици Штип се соочува и со проблемот на реонизација, откако Европскиот суд за човекови права укажа на сегрегација во училиштето „Гоце Делчев“, каде беа формирани чисти ромски паралелки. Општината изготви нов план за реонизација на училиштата.
Годинава според евиденцијата од СВР, 582 деца треба да почнат со основното образование, но со првичната проверка на списокот утврдено е дека добар дел од децата веќе се иселени. Пред десеттина години бројот на првачињата во Општина Штип се движеше околу 900.
Славица Величковска
