Осветена црквата „Св.Злата Мегленска“ во Загреб
Со свечена литургија синоќа во Загреб беше осветена Mакедонската православна црква „Св. Злата Мегленска“, која македонската заедница ја градеше девет години. Осветувањето го изврши поглаварот на МПЦ ОА ГГ Стефан, а на свечениот чин присуствуваат и претставници на другите верски заедници...

Со свечена литургија синоќа во Загреб беше осветена Македонската православна црква „Св. Злата Мегленска“, која македонската заедница ја градеше девет години. Осветувањето го изврши поглаварот на МПЦ ОА ГГ Стефан, а на свечениот чин присуствуваат и претставници на другите верски заедници.
Камен темелникот на црквата е поставен 2014-та година, а сега ќе биде центар за случувањата за Македонците, рече Невен Сукаровски – претседател на парохискиот совет.
„Се случи чудо, божјо чудо. Во години на верска и национална еманципација на македонскиот народ, една мала заедница на одбрани луѓе, со помош на луѓе со големо срце од цела Хрватска, успеавме да го завршиме овој милениумски потфат“, Невен Сукаровски.
На свеченоста по осветувањето на премиерот Пленковиќ му беше врачено највисокото признание на МПЦ ОА. Тој го изрази своето задоволство од присуството на овој историски настан истакнувајќи дека ова е признание за целата Влада и сите кои ги поддржаа Македонците во Хрватска.
„Тоа е политика на Владата на Хрватска, потпора на Македонија и Македонците, и на европскиот пат и на патот на политичката, економската и на културната соработка која ја имаме и која се манифестира во сите сфери“, изјави Андреј Пленковиќ.
Изградбата на црквата ја помогна и Владата со 935.000 евра, како поддршка на македонското малцинство во Хрватска.
Тања Сарандевска
