Низок опфат на вакцинација во Куманово
Некои родители ја одложуваат, други ја одбегнуваат МРП вакцината, вели доктор Арсовска. Раздвижување во вакциналните пунктови има откако почна акцијата „Од врата, до врата“...

Куманово е на врвот на списокот на градови со низок опфат на имунизација. Некои родители ја одложуваат, други ја одбегнуваат МРП вакцината, вели доктор Арсовска. Раздвижување во вакциналните пунктови има откако почна акцијата „Од врата, до врата“. Здравствените работници ги посетуваат и советуваат семејствата за придобивките од имунизација.
Во трите недели колку што трае акцијата на СЗО и Министерството за здравство медицинските тимови посетиле над 2.000 семејства. Аплицирани се речиси 500 вакцини на деца кои ги пропуштиле дозите.
Вакцинацијата е неопходна, вели епидемиологот Ставридис. Оние коишто патуваат со децата во странство сведоци се дека високоразвиените земји бараат вакцинален картон. Тоа се прави од едноставна причина, заштита од заразни болести. Повика на редовна и навремена имунизација на децата.
Сите вакцини што се примаат до 12 месеци, се со опфат од околу 84 насто. Пораст има и кај МРП-вакцината, со покриеност од 70 проценти. Препорачаниот праг за колективен имунитет, утврден и со програмата за задолжителна имунизација е 95 насто на национално ниво.
Наташа Јанчиќ Менковски
