Регион

Милиони Грци денеска гласаат на општите избори во земјата

21.05.2023 13:24

Нешто помалку од 10 милиони Грци денес гласаат на општите избори во Грција, Анкетите предвидуваат-владејачката и конзервативна нова демократија ќе освои најмногу гласови...

Општи избори во Грција на кои најверојатно нема да има јасен победник. Анкетите предвидуваат-владејачката и конзервативна нова демократија ќе освои најмногу гласови, но поради промените во изборниот систем во земјата веројатно нема да го освои неопходното мнозинство за да формира самостојно влада.

„Секоја година, наместо да се подобруваат, работите се влошуваат. Работите се скапи, секој ден работите излегуваат од контрола. Доволно е да се плашите да одите во супермаркет да купувате. Ќе видиме како ќе се одвиваат работите.“, изјави гласач.

„Сакам да видиме подобри денови. Тоа е тоа. што друго можеме да кажеме? што друго да чекаме, најмногу за вас младите, за мојот син, за моето внуче“, додаде пензионер.

Нова демократија на чело со премиерот Мицотакис, според анкетите, ќе добие меѓу 31 и 38 насто од гласовите. На второ место е левичарската опозициска Сириза, која би требало да има 4-7 проценти помалку гласови.

„Денес гласаме за нашата иднина, за повисоки плати, за повеќе и подобри работни места. Гласаме за поефективен здравствен систем, за поправедно општество, за посилна земја, која игра важна улога во Европа, со заштитени граници. Изборите се прослава на демократијата. Кој ќе биде одговорен за водење на државата сега е во ваши раце, на гласачите. Сосема сум сигурен дека ќе осамне уште подобар ден за нашата земја“, изјави Киријакос Мицотакис - премиер на Грција.

„Денес е ден на надеж. Граѓаните ја имаат можноста да го спроведат барањето на мнозинството, да го сменат курсот на државата, да остават зад себе тешки четири години нееднаквости, неправди, профитерство, несигурност на работните места. да оставиме зад себе арогантна влада која не ги чувствува потребите на многумина и да го отвориме патот за влада на прогресивна соработка во програма за социјална правда, за да има надеж за подобро утре.“, изјави Алексис Ципрас - лидер на партијата Сириза.

Право на глас имаат нешто помалку од 10 милиони Грци.

 

Марина Ристова