Инфраструктура

Пешевски: Со Предлог-законот за 60-часовна работна недела се кршат работничките права

21.05.2023 14:07

Со Предлог-законот за 60 часовна работна недела се кршат работничките права и се коси со децениска борба на работниците за 8 часовно работно време, смета Пешевски од ССМ. За ВМРО-ДПМНЕ – се е запрено, а власта е заинтересирана само за штетниот договор за коридорите 8 и 10д. Социјалдемократите тврдат – коридорите ќе донесат раст на БДП од два насто годишно...

Владата смета дека треба да ги прати нашите работници во робовладетелство, вели Пешевски од ССМ, и додава дека членовите од договорот кои се однесуваат на зголемување на бројот на работните часови за работниците ќе ги оспорат на Уставен суд.

„Нашата Влада смета дека треба да ги испрати нашите работници во робовладетелство и феудализам, и да работат наместо 40-60 часови,плус 12 часа да се плати како прекувремена работа. Имајќи в предвид дека 12 часа по 5 дена се 72 часа, горната граница кои они не ја предвидуваат во законот за работни односи, дозволува само еден работник, да одмора само 12 часа дневно и во текот на неделата 24 часа“, изјави Иван Пешевски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Николовски, оценува дека сите инфраструктурни проекти во Македонија се запрени, а актуелната власт како што вели била заинтересирана само за штетниот договор со „Бехтел и Енка“.

„Автопатот од Охрид до Кичево не се гради, како што не се гради ни експресниот пат од Прилеп до Градско, единствено за што се заинтересирани од актуелната власт на ДУИ и СДСМ се штетните договори со „Бехтел и Енка“, каде што во моментот Македонија исплати 117 милиони евра на „Бехтел и Енка“, а 117 зрна песок не се ставени во градба на што било во државата“, изјави Александар Николовски.

Според владините претставници Коридорите носат раст на БДП од два насто годишно. По 30 години празно зборување, конечно почнуваме со изградба на коридорот 8 кој од ЕУ веќе е признаен како европски со геостратегиска важност, вели Битиќи.

 

Марина Стојанова Тонева