Од утре мултинационалната вежба „Брз одговор 23“
Утре на Криволак ќе започне големата мултинационална вежба „Брз одговор 23“. На вежбата ќе учествуваат над 1.800 припадници на НАТО сојузниците и партнерските земји. Кумановци денеска имаа можност да ја видат опремата која ќе се користи во вежбата, која ќе се реализира до 2-ри јуни...

Воздухоплови, воени возила и друга опрема на армиите кои учествуваат во мултинационалната вежба „Брз одговор 23“, која треба да започне од утре а да трае до 2-ри јуни, можеа да видат граѓаните на спортскиот аеродром „Аџи Тепе“ во Куманово. Во најголемата вежба која ќе се реализира во Македонија ќе учествувуваат армии на четири НАТО сојузници и една партнерска земја. 500 припадници на македонската армија, како и околу 1.000 војници од Минесота, Албанија, Црна Гора и Косово.
„Поголемиот број на летала кои ќе бидат користени за вежбата, популарните Апачи, Блек хог, Чинох и МИ8 од Армијата на Македонија. Дополнително и сите оклопни возила кои ќе бидат користени за време на вежбата“, истакна потполковник, Јонче Лазаревски, одговорен офицер за реализација на вежбата.
„Возбудени сме поради можноста градење пријателства со локалната заедница и зајакнување на меѓународните партнерства“, истакна Леди Бејта, потполковник на армија на САД.
Граѓаните задоволни што можат да видат воена опрема која досега ја гледале само на телевизија.
На аеродромот беше изложено и новото роботизирано возило со вооружување на американските сили, кои на Криволак за прв пат треба да се тестира. Вежбата „Брз одговор 23“ е во организација на американските сили за Европа и Африка.
Елена Георгиевска
