Струга прва во регионот ќе добие затворен базен

21.05.2023 17:06

Привршува изградбата на затворениот базен во Струга. Објектот ќе биде ставен во функција следниот месец. После две децениска пауза, во градот на две води конечно се враќаат водените спортови. Струга ќе биде прва во регионот што добива затворен базен, во Кичево и Охрид изградбата доцни со години...

Струга прва во регионот ќе добие современ затворен базен. Објектот е комплетно реконструиран, останува уште внатрешното уредување. Стариот затворен базен беше изграден пред 40-тина години, во него тренираа и охриѓани. Две децении беше надвор од функција, потполно распаднат. Конечно, во градот на две води, се враќаат водените спортови.

Затворениот базен во Кичево остана недовршен, камен-темелникот беше ставен во 2020 година. Објектот требаше да биде готов за 18 месеци, но иако поминаа три години, базенот сè уште не е завршен.

„Три години, никогаш нема да го изградат. Кој ќе го заврши“, вели жител на Кичево.

Од Агенцијата за спорт и млади велат фирмата изведувач доцни со градежните работи.

Рекордер во доцнење на изградбата е затворениот базен во Охрид, камен темелник беше ставен во 2015 година, после цели осум години сè уште не е завршен.

 

Соња Рилковска