Маричиќ: За граѓаните сè уште ЕУ е единствената опција
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во дебатна емисија рече дека одговорноста е на секој пратеник да одлучи дали е Северна Македонија да стани членка на ЕУ или да остане каде што е сега...

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во гостувањето во дебатна емисија рече дека одговорноста е на секој пратеник да одлучи дали е Северна Македонија да стани членка на ЕУ или да остане каде што е сега.
„Треба да бидеме искрени и реални дека немаме друга можност освен оваа, дали ќе продолжиме со Албанија, Србија и Црна Гора во пакетот којшто ќе го прават за Украина за влез во ЕУ или ќе останеме со државите коишто имаат вечни нерешени прашања како Босна и Херцеговина, Косово и дали ние ќе се придружиме на таа група“, рече Маричиќ, изразувајќи уверување дека повеќето граѓани, пратеници, но и повеќето политички партии сакаат да бидеме во пакетот на држави за кои следно ќе се отвори вратата за нови членки на ЕУ, а тоа дека е можно само со успешни уставни измени.
Вицепремиерот Маричиќ предупреди дека „не треба повеќе да губиме време и дека уште 10 години чекање ќе значи уште 100 илјади бугарски пасоши“, и дека самите треба да избереме дали „ќе одиме по сценариото коешто го сакаат некои политички структури во Бугарија, кои не сакаат да успеат уставните измени за да можат да поставуваат нови барања и да условуваат, или „ќе ги направиме уставните измени и ќе ги придобиеме уште еднаш сите на наша страна, а Бугарите ќе ги изгубат сите аргументи“. За него разбирлив е стравот кај граѓаните бидејќи е последица на долгогодишна кампања која ја води опозицијата, но и на непринципиелната политика која ја води Бугарија и долгото чекање пред вратите на ЕУ, повикувајќи ги политичарите на одговорноста која ја имаат да ги решаваат проблемите, затоа што како што вели Маричиќ во исто време граѓаните сакаат во ЕУ.
„Иако имаше и тогаш протести и заострена ситуација и тешка атмосфера во Собранието, на крајот еве четири години откако е усвоен Преспанскиот договор, од него гледаме само придобивки, само позитивни последици и членство во НАТО. Денеска Финска и Шведска бараат да бидат членки на НАТО, ние сме веќе таму, на сигурната страна на светот, во време на војна. Гледаме придобивки од пријателството со Грција, јас сум често во меѓународните форуми и можам да кажам дека Грција ни е најголем промотор и поддржувач и сега кога беше оваа ситуација во Советот на Европа со бугарската потпретседателка Грците беа тие коишто застанаа на наша страна“, укажа Маричиќ.
