МТСП

Тренчевска: Нашите сограѓани-Турци се дел од мозаикот, од ризницата на разни заедници кои живеат во нашата земја

21.05.2023 22:41

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вечерва се обрати на свеченоста организирана по повод 19 мај, Денот на сеќавањето на Кемал Ататурк и празник на младоста и спортот...

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска вечерва се обрати на свеченоста организирана по повод 19 мај, Денот на сеќавањето на Кемал Ататурк и празник на младоста и спортот. Свеченоста со своето поздравно обраќање ja отвори претседателот на Партијата за движење на Турците, Енес Ибрахим.

„Во мое и во име на Владата на Република Северна Македонија го честитам овој значаен празник на сите наши сограѓани припадници на турската заедница, како и на сите припадници на турскиот народ насекаде низ светот. Овој ден е од посебно значење за турската заедница, но и за нас, македонскиот народ бидејќи историското наследство на таткото на модерна Турција, големиот реформатор Мустафа Кемал Ататурк е и наследство со кое и ние се поистоветуваме, меѓу другото и поради неговите корени кои потекнуваат токму од нашата држава“ рече Тренчевска во своето обраќање.

Таа истакна дека државата никогаш нема да ја заборави подадената рака на пријателскиот турски народ во пресудните историски мигови. Министерката посочи на тоа дека Турција беше меѓу првите земји кои ја признаа независноста, територијалниот интегритет и суверенитет и истакна дека тоа е непобитен факт, длабоко врежан во историјата на македонската држава.

Министерката своето обраќање го затвори со искажување на своето уверување за продолжувањето на одличните односи меѓу Република Северна Македонија и Турција како и зацврстување и унапредување на заемната соработка.

Свеченоста продолжи во духот на уметноста со настап од познатиот турски пејач Озѓун.