Нихон-Џи фестивалот за јапонска култура на 27-ми мај во Мала станица
Годинава програмата е збогатена со работилници и презентации за калиграфија и оригами, предводени од Јуко Сакачуки и Чие Нагашима, професорка по јапонски јазик...

Второто издание на Нихон-Џи фестивалот за јапонска култура ќе се одржи на 27-ми мај во Мала Станица. Ќе се одржат и работилници и презентации поврзани со јапонската традиционална и поп-култура. Годинава програмата е збогатена со работилници и презентации за калиграфија и оригами, предводени од Јуко Сакачуки и Чие Нагашима, професорка по јапонски јазик. Мила Симовска ќе работи со публиката во техниката за изработување модуларно оригами, а Кирил Петковски ќе има презентација и работилница за напредно оригами изработено од едно парче хартија. Неговите дела се импресивни.
Работилница ќе има и Сивус центарот за едукација и развој, што ќе даде осврт на историјата на самата наука и на основите на електрониката и механиката. Елена Трајкоска-Бојаџиска ќе ги претстави аутомата и каракури куклите. Професионалниот илустратор Ристо Манасиев ќе одржи презентација на резултатите од затворената Манга работилница.
Покрај бројните работилници и презентации, Нихон-Џи на својата публика ѝ ветува незаборавно искуство преку изложби, мода, проекции, трибини, игри, боречки вештини и продажен дел.
Во рамките на фестивалот, и оваа година, љубителите на поезијата ќе имаат можност да уживаат во хаику перформанс на македонски хаику поети, меѓу кои се вбројуваат: Владимир Мартиновски, Николина Андова, Искра Донева, Дејан Василевски и Александар Маџаровски.
