Мицотакис со убедлива победа на изборите, но нема апсолутно мнозинство
На парламентарните избори во Грција, актуелниот премиер Мицотакис прогласи победа на неговата партија „Нова демократија“. Ципрас го призна поразот. Во најава ново гласање, ниту една партија нема апсолутно мнозинство во Парламентот...

Со освоени над 40 насто од гласовите, двојно повеќе од СИРИЗА, актуелниот грчки премиер Киријакос Мицотакис, прогласи победа на неговата партија, Нова демократија, на парламентарните избори во Грција. Но, тој остана покус за неколку пратеници за да може самостојно да формира влада, па ќе оди на ново гласање за да обезбеди апсолутно мнозинство.
„Сакам да им се заблагодарам на сите што работеа напорно, за да ја оствариме оваа огромна победа, која ги надмина нашите очекувања. Тежината на одговорноста што паѓа на моите плеќи е таква, што ќе работам уште повеќе, за да можеме побрзо и похрабро да продолжиме со централните политики во нашиот манифест“, изјави грчкиот премиер, Киријакос Мицотакис.
Нова демократија обезбеди 146 пратеници, пет помалку од потребниот минимум за мнозинство во Парламентот. Вкупно пет партии се изборија за учество во законодавниот дом.
„Не очекував ништо поинаку, го заслужуваме тоа што доаѓа, за жал, ова е нашата земја. Да бидам искрен, сакав некој нов, различен, а не исти семејства одново и одново, но ќе видиме“.
„Го очекував резултатот, сите мои пријатели, семејството, сите се презадоволни. Се надевам дека Нова демократија ќе помине уште подобро во следниот круг“.
„Имам три деца. Не сум живеел во сиромаштија или тешкотии и се чувствувам безбедно со овој премиер.“
„Бев многу среќен, затоа што Кирјакос Мицотакис и Нова демократија многу и помогнаа на економијата во Грција“.
На второто место на изборите заврши СИРИЗА, а трет е ПАСОК-движењето на промена, па следат Комунистичката партија и Грчко решение.
„Изборниот циклус, сепак, сè уште не е завршен, со оглед на тоа што веројатно ќе има втори избори. Мораме веднаш да ги спроведеме сите потребни промени за да можеме да се бориме. Од срце сакам да им се заблагодарам на граѓаните кои не почестија со својот глас, како и на членовите и пријателите на СИРИЗА кои се бореа за ова тешка изборна битка“, изјави Алексис Ципрас, шеф на партијата СИРИЗА.
Грчкиот устав предвидува претседателката, веднаш да му го врачи мандатот на победникот на изборите, кој ако го врати, потоа шанса добиваат второ и третопласираните, во случајов СИРИЗА и ПАСОК.
Марина Ристова
