Судската администрација бара да им се врати додатокот на плата
Вработените во судската служба бараат да им се врати додатокот на плата којшто од мај повеќе нема да го земаат, во спротивно велат незадоволството ќе го искажат преку пасивен штрајк. Околу шест илјади вработени во судската администрација се засегнати од одлуката да се укине додатокот на плата...

Вработените во судската служба бараат да им се врати додатокот на плата којшто од мај повеќе нема да го земаат. На средбата со претседателот на Судскиот совет побарале итно решение на проблемот, во спротивно велат незадоволството ќе го искажат преку пасивен штрајк, од којшто најмногу ќе трпат граѓаните.
„Бараме да ни се вратат додатоците на плата до 35 проценти уште во мај и истите да се одлучуваат до 20-ти тековниот месец. Огромна е разликата во платите на судите и службениците, стручните соработници. Не можеме повеќе да работиме заедно кога гледаме дека само на нив им се покачува платата, а за нас нема ни за додатоци“, изјави Јасмина Величкова, претседател на Независниот синдикат на судската служба.
Разликата во плата меѓу судиите и судските стручни соработници, записничари, доставувачи и другите вработени никогаш не била повисока – велат од синдикатот.
„Судиите имаат квота, кога ќе ја исполнат таа квота имаат додаток за тоа. Значи судската служба им ја прави нормата, тие за таа норма добиваат додаток, додека тие што ја прават нормата немаат ништо. Не мислам само на судската служба како стручни соработници, мислам комплетно на судскиот систем, од достава, записничар, комплет сите мора да бидат ангажирани во судскиот систем за да го остварат тоа што на крај некој само ќе го потпише, а тоа е судијата“, изјави Горан Ристески, претседател на Независниот синдикат на судската администрација.
Околу шест илјади вработени во судската администрација се засегнати од одлуката да се укине додатокот на плата.
Андријана Ѓурческа
