Плачковица

Пронајдени се тројцата моторџии кои ноќта ја поминаа изгубени на Плачковица

22.05.2023 12:49

Утринава беа пронајдени тројцата моторџии кои синоќа пријавиле дека се заглавени во кал на непозната локација на планината Плачковица. Искусните планинари апелираат добро да се проучат климатските услови кога се престојува во планина, а почетниците најдобро е да се во придружба на лиценцирани водичи...

Среќно заврши потрагата по изгубените лица кои минатата ноќ ја поминаа на планината Плачковица. Станува збор за три лица со мотори, кои вчеравечер околу 19:00 часот во регионалниот Центар за управување со кризи пријавиле дека се заглавени во кал на неодредена локација.

Во потрагата по нив тргнале другите моторџии од групата, Полициска станица Штип и блиски на исчезнатите и доброволната планинска спасителна служба „Осогово“. Утрово се пронајдени и се во добра здравствена состојба. Искусните планинари предупредуваат дека климатските услови во планините се поинакви од котлините и дека на планините зимата може да трае и до јули.

Од Планинарскиот спортски клуб „Осогово“ информираат дека годишно на Осоговските планини и Плачковица се случуваат од десет до 15 несакани инциденти како последниот и апелираат почетниците да се движат во планина со искусни планинари, најдобро лиценцирани водичи и секогаш да ја следат временската прогноза на планините.

 

Славица Величковска