Битола

Нефункционален лифт во социјална зграда, проблем за станарите со тешки дијагнози

22.05.2023 13:38

Станарите од битолската социјална седумкатница на улица „Смилевски конгрес 25“ последните две години поради нефункционалниот лифт минуваат низ вистински пекол. Велат, се работи за станари кои имаат тешки здравствени дијагнози. Досега не помогнале ниту петте претставки од народниот правобранител ниту како што велат ветувањата од АД за изградбата и стопанисување со станбен простор...

Поради нефункционалниот лифт, над две години станарите со тешки здравствени дијагнози немаат, ниту вистински социјален живот, ниту можат лесно да ги задоволат лекарските потреби. Калина Димитриевска врви низ вистински пекол. Нејзината 38-годишна ќерка боледува од церебрална парализа. Дополнителен проблем и создава што не може да ја однесе на стоматолог, а забите и се распаѓаат.

До свеж воздух и задоволување на основните потреби, отежнато доаѓаат и дел од другите станари кои се со низа други тешки дијагнози.

Проблемот не е надминат ниту по петата претставка на народниот правобранител, во која се вели дека се исцрпени сите можности и станарите ги советува да покренат тужба пред надлежните судови. Нема ефект и од телефонските контакти со првите луѓе на АД за стопанисување со станбен и деловен простор.

Во писмениот одговор од надлежните, стои дека утврден е проблем со моторот на лифтот чија репарација не е изводлива. Друштвото донело одлука за набавка на нови компатибилни делови во насока на сеопфатна поправка а биле преземени и активности за објавување на тендер за набавка и техничко одржување на лифтовските постројки. Ветуваат дека согласно со законските можности решавање на проблемот во најкус можен рок.

Стевче Митревски