евроинтеграции

Гир: Следниот чекор којшто треба да се направи е измена на Уставот

22.05.2023 14:28

Следен чекор се уставните измени, земјата да го искористи моментот кога процесот на проширување е ставен како врвен приоритет во агендата на Европската унија, повика амбасадорот Дејвид Гир. Но, освен процесот што треба да се спроведе во Собранието, а за кој сè уште нема обезбедено двотретинско мнозинство, Гир предупреди дека мора да забрза спроведувањето на реформите...

Приоритет за влез во Европската унија се уставните измени и спроведувањето на реформите, предупреди евроамбасадорот Гир. Според него, проширувањето на Унијата во моментов е поставено како врвен приоритет во агендата на Брисел, што значи дека работите може да се развиваат со брзо темпо. Гир рече дека треба да се зграпчи можноста, укажувајќи дека со отворањето на пристапни преговори се отвора и јасен пат.

„За да може да се комплетира целиот овој процес, следниот чекор којшто треба да се направи е измена на Уставот, се разбира дека тука зборуваме за суверена одлука којашто треба да се направи од страна на вашата држава. Меѓутоа зборуваме за една одлука којашто е суштествено значајна за да може да се придвижиме напред“, изјави евроамбасадорот Гир.

За евроинтеграциите да се динамизираат клучни се и реформите кои земјата треба да ги спроведе. Колку побрзо се спроведуваат реформите, толку побрзо ќе биде и самото влегување во ЕУ – потенцира евроамбасадорот.

„Тој пат пред земјата е јасен, отворен е, така што, ако се забрза процесот на реформи ќе може и практично да се искористат бенефитите во таа смисла. Јас сум навистина убеден, ако ги преземете овие чекори, ќе се приклучите кон ЕУ“, додаде Гир.

Уставните измени разговарани и на средбата Османи-Вархеј. Во фокусот на разговорите – нашето ЕУ досие, подготвеноста на администрацијата за скрининг процесот. Додека власта и опозицијата се на различни страни дали треба или не да се отвора Уставот, Комисијата за уставни измени веќе го донесе Деловникот за работа и најави дека отпочнува суштинската дебата за Предлог-формулацијата на амандманите.

 

Миле Ристески