Нови руски ракетни напади врз Украина
Борбите продолжуваат. Нуклеарката во Запорожје остана без струја. Префрлена е на резервно напојување. Русија предупреди дека евентуалната испорака на авиони Ф-16 за Украина ќе го отвори прашањето за вмешаноста на НАТО во конфликтот.

Бахмут и натаму жешка точка во руско-украинскиот конфликт. Откако Русија викендов тврдеше дека нејзините сили го зазеле градот, Киев негираше, а борбите продолжуваат. Украинските војници известија дека во текот на изминатиот ден, непријателот неуспешно се обидел да ги врати загубените позиции. Воздушни напади регистрирани и во Днепар.
„Нашите момци стојат цврсто и не се откажуваат од Бахмут“, рече жителка на Киев.
„Се надевам дека нашата војска повторно ќе го ослободи градот. Многу се надеваме на тоа. Ние сме од Харков“, вели друга.
„Јас и самиот сум војник. Војната никогаш не е залудна“, рече жител на Киев.
Шефот на „Вагнер“, Евгениј Пригожин, објави дека неговите сили ќе го напуштат Бахмут од 25-ти мај до 1-ви јуни.
„Одбранбените линии се поставени на западното предградие на Бахмут, „Вагнер“ ќе го напушти градот до 1 јуни. Ако нема доволно персонал во Министерството за одбрана, ние имаме илјадници генерали. Треба да собереме еден генерален полк, да ги вооружиме и тогаш се ќе биде добро“, изјави Евгениј Пригожин, сопственик на „Вагнер“.
Во Брисел состанок на шефовите на дипломатиите за 11-тиот пакет санкции против Русија. Од ЕУ ги повторија предупредувањата до Кина за обезбедувањето оружје за Русија и ја пофалија најавата на САД за поддршката за обука на украински пилоти на борбени авиони од американско производство.
„Јасно е дека очекуваме од Кина да го искористи своето влијание со цел да се запре војната во Украина. Тоа го очекуваме од Кина, а ако Пекинг даде оружје на Русија, што засега не е случај, тоа сигурно ќе ги наруши нашите односи“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
По самитот на Г7 во Хирошима, украинскиот претседател доби ветување од дополнителни 375 милиони американски долари помош која вклучува повеќе муниција, артилерија и возила. Иако, сè уште официјално не е донесена одлука за испорака на борбени авиони Ф-16 во Украина, Русија го предупреди НАТО да не се меша во конфликтот.
Маријана Димовска
