МНР

Османи на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел

22.05.2023 17:03

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, во Брисел учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан во рамки на Советот за надворешни работи, со кој заседаваше Високиот претставник на ЕУ...

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денес, во Брисел учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија и на земјите од Западен Балкан во рамки на Советот за надворешни работи, со кој заседаваше Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел.

Во фокусот на разговорите беа актуелните состојби во земјите од Западен Балкан и нивните евроинтегративни процеси во контекст на неоправданата руска агресија врз Украина.

Османи ја реафирмираше доследната позиција на нашата држава како веродостоен партнер на ЕУ во спроведувањето на надворешната политика на ЕУ и на трансатлантските партнери, потсетувајќи дека, во однос на Украина, Северна Македонија целосно го поддржа пристапот на ЕУ, давајќи голема воена, економска и секако, политичка поддршка на нејзината независност и сувереност, но и на нејзиниот европски пат.

Османи нагласи дека Северна Македонија не само што вложува максимални напори за исполнување на критериумите за членство во Унијата, туку стана пример во целиот регион со културата на дијалог и компромисното решавање на отворените прашања.

На маргини на состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ, Османи оствари билатерална средба со еврокомесарот Оливер Вархеји, на која стана збор за одличниот тек на процесот на скрининг и потребата од усвојување на уставните измени со цел продолжување на пристапните преговори по забрзана нагорна линија.