Костадиновска-Стојчевска од Крушево: Градот промотор на македонскиот идентитет го правиме културен центар на европската мапа
Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Крушево се обрати на прес – конференцијата по повод отворањето на манифестацијата „Град на културата 2023“ ...

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Крушево се обрати на прес – конференцијата по повод отворањето на манифестацијата „Град на културата 2023“ на која рече општина Крушево годинава ќе пулсира во ритамот на македонската култура и ќе го промовира македонскиот идентитет и посебност.
„Да се биде ’Град на културата‘ не е само титула, тоа е можност да се прикаже уникатниот идентитет на Крушево, богатото наследство, енергичноста на уметничка сцена и посветеноста во негувањето на креативноста и културното изразување. Со оваа манифестација оставаме траен белег и го проектираме Крушево на европската мапа како културен и туристички центар“, посочи министерката Костадиновска-Стојчевска.
На прес-конференцијата која се одржа на платото пред споменичниот комплекс „Илинден“, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Крушево, Томе Христоски, Костадиновска Стојчевска истакна дека во годината кога одбележуваме 120 години од Илинденското востание, Министерството за култура со гордост ја реализира манифестацијата „Град на културата“, што во 2023 година е токму во Крушево, градот со силен печат за идентитетот на нашата држава.
Програмата за овој голем иницијален настан ќе започне в петок, на 26 мај со посета на галеријата Никола Мартиноски.
