Шаќири до учениците: Чувајте го мирот во себе и во средината во која растете, тој е драгоцена работа
Бидете толерантни, бидете коректни кон вашите врсници, помагајте наместо да отежнувате, исмејувате и да напаѓате и чувајте го мирот и во себе и во училиштата и воопшто во средината во која живеете и растете...

Бидете толерантни, бидете коректни кон вашите врсници, помагајте наместо да отежнувате, исмејувате и да напаѓате и чувајте го мирот и во себе и во училиштата и воопшто во средината во која живеете и растете, затоа што тој е драгоцена работа. Ова е пораката која министерот за образование и наука Јетон Шаќири ја испрати до средношколците кои беа дел од дебата на Филозофскиот факултет во Скопје посветена на безбедноста во училиштата.
„Јас верувам во вашата зрелост, во вашата креативност и иницијативност и знам дека можете многу да понудите за дополнително да го зајакнеме безбедносниот систем во училиштата и да најдеме начини за поголема промоција и ширење на толеранција, почит и љубов меѓу сите млади“, рече Шаќири, нагласувајќи дека честите дискусии и широки дебати се најдобар начин за креирање на нови идеи, мерки и активности кои ќе го надополнат постојниот институционален механизам за одржување на безбедноста во училиштата и за градење на мирна средина.
„Сите сте веќе запознаени со препораките кои Владата ги усвои минатата недела, а беа предложени од Министерството за образование и наука кое пак, ги креираше низ широк консултативен процес во кој секако, средношколците преку својот Сојуз исто така дадоа голем придонес и всушност дел од тие 10-тина препораки се предложени токму од оваа организација. Така што имам причина да верувам и во конструктивноста и ефективноста на денешната дебата“, нагласи министерот за образование и наука.
