Македонија

Честитка од претседателот Пендаровски по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите

23.05.2023 09:32

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на влашката заедница во Република Северна Македонија...

Претседателот Стево Пендаровски, по повод 23 Мај – Националниот ден на Власите, упати честитка до припадниците на влашката заедница во Република Северна Македонија.

„Дозволете да ви го честитам 23 Мај – Националниот ден на Власите.

На овој ден во 1905 година бил издаден декрет со којшто во рамките на Отоманската Империја била признаена реалноста дека Власите се посебен народ со свој јазик, своја култура и со свој идентитет. Со тоа се отвори ново поглавје во долгата и богата историја на влашкиот народ, што сведочи и за големиот придонес на Власите во борбата за слободна и независна македонска држава.

Денес, припадниците на влашката заедница во Северна Македонија го остваруваат правото на граѓанско и на политичко организирање, уживајќи ги сите права како и другите етнички заедници. Власите активно придонесуваат во општествените текови и во сите сегменти на секојдневното живеење.

Обврска на Република Северна Македонија е да продолжи да го чува, развива и да го промовира етничкиот, јазичниот и културниот идентитет на Власите во духот на европските вредности.

Нека е честит 23 Мај – Националниот ден на Власите“, порача претседателот Пендаровски.