Руско - украински конфликт

Вооружени борби во неколку руски населби во Белгород, Киев негира вмешаност

23.05.2023 13:08

Вооружени борби во неколку руски населби во Белгород. Соборени се дронови- соопшти гувернерот. Одговорноста за нападите ја презедоа Руси кои се борат на страната на Украина. Киев демантира вмешаност. Гувернерот на регионот им порача на евакуираните жители да не се враќаат дома. Вашингтон со став дека не поддржува напади надвор од границите на украина...

Вооружени борби во неколку руски населби во регионот Белгород покрај границата со Украина. Киев демантира вмешаност и вели дека се дело на домашните герилски групи. Украинското разузнавање ги посочило „опозициски настроените граѓани на Русија“. Вашингтон со став дека не поддржува напади надвор од границите на Украина. Гувернерот на регионот им порача на евакуираните жители да не се враќаат дома.

„Продолжува чистењето на територијата од страна на Министерството за одбрана заедно со агенциите за спроведување на законот. Граѓаните кои ги напуштија населбите сè уште не е безбедно да се вратат“, изјави Вјачеслав Гладков-Гувернер на регионот Белгород.

Според Кремљ, нападите покрај украинската граница се обид на Киев да се минимизира политичката штета од загубата на Бахмут. Украина сè уште тврди дека украинските трупи напредуваат во градот. ЕУ вчера не успеа да го договори новиот пакет санкции за Москва, но потврдена важноста од темпото на испорака на оружје од земјите – членки и обуката на украинските пилоти на борбени авиони Ф-16 што веќе е почната во неколку земји.

„Среќен сум што конечно почна обуката на пилотите на Ф-16 во неколку земји. Ќе треба време, но колку побрзо, толку подобро. И тие ја отворија оваа врата за обезбедување на млазни ловци. Знаете, секогаш е истото, разговараме, на почетокот сите се колебаат, како што беше со леопардите, со Ф-16, но на крајот, доаѓа одлуката да се обезбеди воена поддршка бидејќи е апсолутно потребна за Украина да продолжи да се брани“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Киев ги очекува американските борбени авиони Ф-16 за да ја стартува пролетната контраофанзива против руската инвазија. Според украинските власти, авионите се од клучно значење за краткорочната и долгорочната безбедност на земјата.

„Ние мора да ја продолжиме заштита на Украина и Европа. Авионите се нераскинлив дел од противвоздушната одбрана. Многу ни е мило што сега слушаме јасна порака од САД дека ќе поддржат обука, но исто така, тие ќе ги поддржат другите земји кои ни го обезбедуваат ова“, изјави Оксана Маркарова, амбасадорка на Украина во САД.

Од руската дипломатија со осуда за Г7 и нуклеарната реторика. Според Москва, групата седум најразвиени држави во светот врши психолошки, воен и политички притисок врз Москва и Пекинг.

Маријана Димовска