Уставните измени камен на сопнување меѓу власта и опозицијата
Не се подготвува само промена на преамбулата, се зборува за редефинирање на Македонија како бинационална држава, обвинува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Социјалдемократите возвратија – тоа се лаги и манипулации на Мицкоски...

Владата разработувала идеа за бинационална држава – се сомнева лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицковски. Според него не станува збор само за уставните измени под диктат на Бугарија, туку коалициските партнери СДСМ и ДУИ работат и на редефинирање на Македонија како бинационална држава.
„Една од идеите за која предупредувам е дека работат на создавање на бинационална држава на два народи, неколку заедници кои денес се споменуваат во Уставот и постоење на малцинства. Редефинирањето на преамбулата на Уставот би било еден вид национално предавство на оваа Влада кое би ја фрлило државата на колена. Предупредувам Ковачевски да не си игра играчки со уставните измени со кои ќе ја редефинира Македонија во бинационална држава. Да престане да исполнува концесии кон ДУИ, затоа што плаќа прескапа цена за власта која ја има“, рече Мицкоски.
За Социјалдемократскиот сојуз, тврдењата на Мицкоски за редефинирање на државата се невистини, со единствена причина да се блокира евроинтеграцискиот процес. Не е прв пат Мицкоски да шири лаги и хистерија во јавноста, така беше за бугаризацијата, така беше за јазикот – велат од СДСМ
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие се веќе на европскиот воз, а Мицкоски упати предупредување до премиерот Ковачевски дека со неговата политика наместо да го намали евроскептицизмот во земјата формира антимакедонски фронт и со тоа им штети на интересите на македонскиот народ.
Марина Стојанова Тонева
