Собрание

Во Собранието продолжува дебатата за законските измени за коридорите

23.05.2023 14:40

Продолжува дебатата за законските измени поврзани со проектот за изградба на коридорите 8 и 10-д. Во Комисијата за европски прашања се разгледува петтиот и последен законски предлог од пакетот закони за изградба на коридорите...

Со измени на Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратешки инвеститор за изградба на коридорите се дерогираат законите за царини, акцизи и даноци со кои се ослободуваат „Бехтел и Енка“ како изведувачи на автопатишта, предупредуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Велат, ова е класично тргување со влијание, ако власта ветила измени во законите, откако е склучен договорот со „Бехтел и Енка“.

Министерот за финансии, кој го бранеше законскиот проект за експропријација, посочи дека има само мали измени во делот на надоместокот за имот или објектите што ќе се најдат на трасата на делниците од автопатиштата.

Владејачкото мнозинство ги поддржува измените, со кои велат дека сопствениците на имотот или објектите што се предмет на експропријација, ќе бидат праведно обесштетени. ВМРО-ДПМНЕ одново инсистира веднаш да се објави договорот со „Бехтел и Енка“, зашто отворено се сомнева за голем криминал за овој инфраструктурен проект.

Се очекува, откако ќе поминат во Комисијата за европски прашања, пакетот од пет закони поврзани со изградбата на автопатиштата да се гласаат на пленарна седница.

Игор Панов