Дино Имери: Најголема награда е публиката да се чувствува убаво после мојот концерт
Во рамки на неговата пролетна турнеја имаше повеќе настапи, домашни и меѓународни. Концертната турнеја ја започнал со рецитал во Битола каде што за прв пат ја отвори програмата и премиерно изведе, на негово големо задоволство, композиции посветени на него, од страна на неговиот татко Дамир Имери, но и секако останати композитори од златниот репертоар за пијано...

Во организација на Музичката младина на Македонија на 28 април годинава во Музејот на град Скопје гудачкиот камерен оркестар под диригентската палка на младата Дијана Илковска, одржа концерт на кој како солист на пијано настапи Дино Имери, еден од најафирмираните македонски пијанисти кој во својата досегашна кариера низ бројните настапи во земјава и странство ја пленува публиката со бравурозните изведби кои му донесоа и бројни награди, но и му овозможија да стане инспирација за композиторите да пишуваат дела токму за него.
„Секако има награди во мојата биографија, но би рекол најголемата награда е кога публиката кога ќе си замине од моите концерти да се чувствува убаво и исполнето после она што јас можам да им го пружам со моето свирење. Што се однесува до други стекнати признанија и награди, секако многу ми значи домашното признание „Виртуози“ во категоријата млад музички уметник, но и меѓународното признание каде бев вброен во десетте најдобри пијанисти во Европа на третиот меѓународен натпревар по пијано во Франција. Што се однесува до композитори кои ги пишуваат делата, тоа е голем подарок за еден уметник, да инспирирате композитор да создаде уметничко дело и да ви го посвети вам, бидејќи станува збор за интимни чувства на еден уметник кои што ги споделува со светот, но ве именува вас како инспирација за создавање на тие дела“, вели Дино Имери.
Во рамки на неговата пролетна турнеја имаше повеќе настапи, домашни и меѓународни. Концертната турнеја ја започнал со рецитал во Битола каде што за прв пат ја отвори програмата и премиерно изведе, на негово големо задоволство, композиции посветени на него, од страна на неговиот татко Дамир Имери, но и секако останати композитори од златниот репертоар за пијано.
„Турнејата продолжи веќе следната недела, во Приштина каде бев поканет на интернационален фестивал на млади уметници. Го отворив тој фестивал со солистички концер. Потоа следуваше отварањето на Деновите на македонска музика, каде имав голема чест да го изведам светски наградуваното дело на маестро Александар Џамбазов „Рапсодија за Скопје“, за прв пат во Скопје иако делото е напишано во шеесетите години на минатиот век. Следуваше мојот рецитал во резиденцијата на француската амбасадорка, веќе следната недела мојот рецитал во Скопје и еве стигнуваме до вечерашниов концерт на кој со големо задоволство соработувам со млада, но исклучително тарентирана екипа, со диригентката Дијана Илковска и гудачкиот камерен оркестар со членови од Македонија, Србија и Хрватска“, раскажува Имери.
За диригентката Дијана Илковска ова е нејзин дипломски концерт.
„Со ова го дипломирам третиот факултет – оркестарско диригирање. Претходно дипломирав на отсекот музичка теорија и поедагогија и хорско диригирање“, вели Илковска.
Се собравме самоиницијативно, без никаква финансиска подршка. Целиот концерт го работевме со голема љубов, дури има колеги кои дојдоа од Белград и Загреб, додава таа.
Програмата се состои од дела од Арнолд Шенберг, ноктурно за камерен состав гудачи, Едноставна симфонија од Бенџамин Бритн и концертот за пијано и оркестар бр.4 од Лудви ван Бетовен со солистот на пијано Дино Имери со кој прв пат настапувам, но ми беше долгогодишен сон кој ми се одтварува.
Дино Имери објаснува дека на овој концерт настапува како гостин- солист на четвртиот концерт за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен, едно од капиталните дела од целокупниот репертоар, а секако и од опусот на тој генијален композитор и голем предизвик за сите музичари, за сите диригенти, за сите пијанисти и оркестри за изведба.
„Тоа е пред се многу интимно дело, а сепак го изведувате пред голема публика, има голем ансамбл, голем оркестар и многу е тешко да се постигне музичкиот баланс, затоа што и самиот Бетовен поставува многу, многу технички препреки по патот на изучувањето кои што мора да се совладаат до совршенство за евентуално да стигнете до музичката содржина. Се на се, многу богато дело и голем предизвик за мене“, вели Имери.
Сандра Титизова
