Вечерва започнува 42-то издание на „Мал Битолски Монмартр“ во Битола
Во срцето на старата битолска чаршија, пред детската ликовна галерија „Мал Монмартр“ со почеток во 19 часот ќе започне 42 издание на меѓународната детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“...

Вечерва во срцето на старата битолска чаршија, пред детската ликовна галерија Мал Монмартр со почеток во 19 часот ќе започне 42 издание на меѓународната детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“.
Почетокот на манифестацијата ќе го претстави Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ кое бележи 55 години од основањето, а со церемонијата на свеченото отворање ќе се обележат две значајни годишнини на најстарите и најголеми светски детски манифестации.
Имено, ќе се отвори светската детска ликовна изложба „Битола“ која го бележи своето 41 издание и 42–то издание на светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“.
Битола ќе биде домаќин на 20 делегации со над 120 учесници од Кина, Индија, Романија, Полска, Словачка, Израел, Турција, Бугарија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија.
Жири комисијата составена од еминентни професори од Португалија, Романија и Русија ќе доделува по 4 награди на денот, а на крајот на манифестацијата ќе ги додели наградите за најдобро школо-најдобар ученик и 12 поединечни награди за уникатен и креативен уметнички пристап.
Своето присуство во името на своите земји го најавија голем број дипломатско-конзуларни претставништва.
За време на колонијата од 23 до 30 мај ќе се отворат две изложби на ликовни дела од досегашните колонии „Мал Битолски Монмартр“ и тоа во Генералниот Конзулат на Грција во Битола и во Генералниот Конзулат на Бугарија во Битола. Пет дена од колонијата ќе се слика староградската и урбана архитектура на Битола, а учесниците по традиција ќе го посетат Охрид и манастирот Св. Јован Бигорски.
