Бахмут останува меѓу главните жаришта на војната
По прекуграничниот напад на руската Белгородската област, рускиот истражен комитет отвори истрага за тероризам од украинските трупи. Киев негира вмешаност, нагласувајќи дека бил извршен од руски борци кои се против политиката на Кремљ. Бахмут останува меѓу главните жаришта на војната.

„Го уништија Бахмут, не го презедоа. Дел од него е сива зона, а дел од таа област, е зона на битки. Планираме да го ослободиме секој град, секое село. Сега не мораме да се бориме за Бахмут, треба само да го опколиме и блокираме. Па потоа ќе влетаме“, изјави Јевен Адам Межевикин- командант.
Во меѓувреме, почна обуката на пилотите на Ф-16. Украина ќе формира поморски корпус. Унгарија предупреди дека испораката на оружје ќе предизвика ескалација на конфликтот.
„Новите бригади се дополнување на нашите постоечки единици и истите ќе добијат модерно оружје и опрема. Мојата посета на фронтот беше последната компонента по серијата состаноци и преговори со партнерите во последните неколку недели. Сите треба да сфатат дека клучната задача на нашата земја и целта на речиси секоја меѓународна комуникација е да се зајакне Украина“, рече Володимир Зеленски - претседател на Украина.
Претседателот Зеленски периодов оствари средби со повеќе западни партнери. И противничката страна со динамична дипломатска агенда за добивање поддршка. Рускиот премиер Мишустин во посета на Кина. Земјата инсистира да остане неутрална во 15-месечната војна во Украина и сака да посредува во нејзиното окончување, но не ја критикуваше инвазијата и го обвини Западот за провокации кон Москва.
„Карактеристиките на прагматичната соработка меѓу Кина и Русија, како што се силниот отпор, огромниот потенцијал и широкиот простор, станаа уште поважни годинава. Кина е подготвена да работи со Русија за да се спроведе консензус меѓу лидерите на двете земји и да се поддржи прагматичната соработка во разни области до едно ново ниво“, изјави Ли Кијанг - премиер на Кина
Москва ја зајакнува одбраната во своите далечни источни региони кои се граничат со Азија и Пацификот, обвинувајќи ги САД дека го прошируваат своето присуство. Најновата подморница со балистички ракети на руската морнарица ќе се префрли од Северната флота на Арктикот преку Северниот морски пат до Пацифичката флота во постојана база на Камчатка. „Генералисимо Суворов“ може да носи до 16 руски ракети „Булава“ со нуклеарна глава.
Маја С. Филдишев
