Протест

НСОН на протест од Собранието до Министерството за образование

24.05.2023 15:43

Независниот синдикат за образование и наука, на протест од Собранието до Министерството за образование. Незадоволството е како што велат поради висината на платите, спојувањето на наставни предмети и немањето социјален дијалог...

На денот на просветителите, наставниците на протест. Незадоволни се од најавите за спојување на повеќе предмети, но и од ниските плати. Велат историја, географија, биологија, физика, хемија, етика, граѓанско и информатика не може да предава еден наставник – тоа ќе предизвика губење на работните места. Освен што им е погазен професионалниот интегритет, нарушени им се и работничките права, колективните договори не се почитуваат. Најниската плата во образование е 12 илјади денари, се пожалија синдикалците.

„На пример на првиот час по историја и општество, недај боже да започне оваа концепција би требало јас како наставник по географија би требало на децата еве хипотетички кажувам, да им предавам за антички Египет, од кај знам јас или по природни науки во шесто одделение би требало на децата да им предавам за електрицитет, како наставник по географија. Тоа е неприфатливо и ние ќе се спротивставиме. Секогаш ние сме ставени на маргините, не се почитуваат колективните договори во делот на додатоците, платата константно доцни, во последниве 20 години никогаш не е исплатена во законски предвидениот краен рок“, изјави Томислав Гиевски – претседател на Независен синдикат за образование и наука.

Ова е предупредувачки протест, доколку нема решение на проблемите не се исклучува можноста од порадикални чекори, како бел штрајк. Синдикалците бараат средба со министерот Шаќири.

„Владата свесно бега, требаше да ни достави методологија колкав ќе биде процентот на платите како ќе се пресметуваат платите, очигледно свесно бегаат, зошто сакаат да купуваат време не знам, меѓутоа трпението на граѓаните е при крај. овие измени што ги прават во собранието се надевам нема да ги донесат, доколку ги донесат верувајте ќе видите кој е гневот на работниците, за брзо време ќе се направи еден масовен протест, ама ова ме радува, сепак има надеж за македонскиот работник и за Македонија во денешницата“, рече Марјан Ристески – претседател на конфедерација на синдикати организации.

Точно напладне просветните работници протестираа од жена парк до зградата на Министерството за образование. Велат, ова е единствениот начин надлежните да слушнат за нивното незадоволство.

 

Андријана Ѓурческа