Археолозите трагаат по градот Равен, каде Свети Кирил ја напишал глаголицата
Археолозите сè уште трагаат по градот Равен, каде е напишана глаголицата. Се знае дека центарот на брегалничкото кнежевство бил лоциран на реката Брегалница и дека во него за епископ бил назначен Свети Методиј. Се претпоставува дека Равен се наоѓа во близина на село Крупиште, Општина Карбинци, а како можни локации археолозите ги посочуваат локациите Грамади кај Делчево и Равна Река кај Пехчево...

Обраснати во трева неистражени до крај стојат артефактите на локалитетот „Кале“ кај село Крупиште, според кои може да се утврди дали овде е напишана глаголицата. Пронајдените неколку цркви и катедрала од четвртиот до десеттиот век, кореспондираат со податоците од животописот на светите браќа Кирил и Методиј, и податокот дека Кирил ја напишал глаголицата во градот каде за епископ бил назначен неговиот постар брат. Штипскиот музеј изработи проект за конзервација на локалитетот.
Во чест на сесловенските просветители штипскиот музеј изложи за јавноста збирка од триесеттина црковни книги од цркви од источниот регион.
Најстарата црковна книга датира од 1721 година. Следува конзервација на најоштетените книги, за да може да се толкуваат и преведуваат.
Славица Величковска
