Николоски на Пленарен состанок на Комитетот на Moneyval во Советот на Европа во Стразбур
Република Северна Македонија континуирано го надградува и развива системот за спречување на перење пари и финансирање тероризам преку имплементација на меѓународните стандарди и презема голем број иницијативи за нивно побрзо и поефикасно спроведување како стратешка цел...

Република Северна Македонија континуирано го надградува и развива системот за спречување на перење пари и финансирање тероризам преку имплементација на меѓународните стандарди и презема голем број иницијативи за нивно побрзо и поефикасно спроведување како стратешка цел. На тој пат значајна е улогата на Комитетот на Moneyval којшто придонесува за создавање поефективен систем. Ова го истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски кој ја предводи делегацијата на РС Македонија на 65-тиот Пленарен состанок на Moneyval што се одржува во Советот на Европа во Стразбур, а на кој се усвои Нацрт – изештајот за евалуација на РС Македонија за системот за борба против перење пари и борба против финансирање тероризам.
„Ги цениме напорите на Moneyval во деталната процена на нашиот систем и препорачаните активности кои се во насока на надградување на домашниот систем за борба против перење пари и борба против финансирање тероризам“, рече заменик-министерот за финансии.
Тој ја истакна важноста и значењето на овој состанокот и се заблагодари на поддршката и посветеноста на Moneyval Комитетот во текот на целиот процес на оценување. Извештајот, како што потенцира, ќе биде патоказ за зајакнување на системот во иднина. Членството на РС Македонија во Moneyval претставува можност на земјата да ги следи промените во меѓународното законодавство во областа на спречување перење пари и финансирање тероризам и имплементација во домашното законодавство, создавање мерки за соодветни одговори на новите трендови и облици на перење пари и финансирање тероризам, како и воспоставување ефективни механизми за национална и меѓународна соработка помеѓу надлежните домашни и странски органи со цел да се спречи перењето пари и финансирањето тероризам како криминална појава што ја поткопува стабилноста на финансискиот систем.
Усвојувањето на Нацрт-извештајот за евалуација на РС Македонија за системот, е заокружување на процес што е започнат во декември 2021 година. Ова е 5-от круг на евалуација на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам на нашата држава, со кој се оценува техничката усогласеност со препораките на ФАТФ, односно нашата правна и институционална рамка и ефикасноста на системот преку имплементација на законските надлежности и постигнатите резултати.
