ГЛОБСЕК 2014: Во фокус украинската криза и безбедносните прашања
Ќе се бараат одговори на предизвикот, како да се позиционираат ЕУ и НАТО спрема кризата во Украина и во односите со Русија...

Тридневната безбедносна конференција „ГЛОБСЕК2014“ која почна денеска во Братислава, ќе биде насочена кон проблемите како што се украинската криза, безбедносните прашања, глобалните перспективи за наредната деценија.
Не помалку атрактивни се и темите: НАТО и идните воени ангажмани, подемот и падот на политичкиот ислам, популизмот, апатијата и потребата за ремоделирање на ЕУ, Авганистанкиот предизвик.
Значењето на средбата во Братислава и медиумскиот интерес го зголеми ескалацијата на кризата во Украина. Ќе бидат присутни повеќе од 800 учесници од 60 земји. Ќе учествува и генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмунсен.
Ќе се бараат одговори на предизвикот, како да се позиционираат ЕУ и НАТО спрема кризата во Украина и во односите со Русија. Присуството на првиот човек на НАТО на Форумот ќе биде искористено и за формулирање на темите и предизвиците за септемврискиот самит на Алијансата, меѓу кои и проширувањето на трансатлантското семејство, за што се најзаинтересирани Црна Гора и Македонија.
Иако најавени, украинскиот премиер Арсениј Јацењук и Виталиј Кличко кандидат за градоначалник на Киев, нема да учествуваат на Конференцијата.
Свето Николовски
