Државата ќе поддржи 400 нови мали бизниси на невработени лица
Нови 400 невработени лица регистрирани во Агенцијата за вработување на Република Македонија од утре ќе можат да аплицираат на огласот за грант вреден 3.000 евра, неповратни средства кои ги доделува државата за отворање сопствен бизнис.

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов и директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија, Влатко Поповски информираа за вториот циклус од Програмата за самовработување, која веќе прерасна во бренд програма во Оперативниот план за активни мерки и програми за вработување, која се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Република Македонија, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Програмата за развој на Обединетите Нации–УНДП.
„Покрај грантот од 3.000 евра во форма на опрема и репроматеријали, учесниците во Програмата за самовработување добиваат и низа други придобивки, што треба да им помогнат на кандидатите да станат успешни претприемачи како што е обука за претприемништво, експертска поддршка за развивање на својата бизнис идеја во одржлив бизнис план и советодавна поддршка при регистрацијата на бизнисот. Оваа година најдобро оценетите 50 бизнис планови ќе имаат можност да добијат грант со дополнителни 1.500 евра за едно дополнително вработување во новоформираната фирма“, информираше министерот Спасов.
Согласно Оперативниот план, оваа година предвидено е да се опфатат 950 невработени лица од евиденцијата на Агенцијата за вработување на Република Македонија на активни баратели на работа во 900 ново-отворени правни субјекти, соопштуваат од Министерството за труд и социјална политика.
Од вкупно 5.835 до сега отворени бизниси, речиси 1/3 се отворени од жени претприемачи, а 2.000 бизниси се од млади лица до 29 години. Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов ги повика невработените лица кои имаат бизнис идеја, да ја искористат оваа шанса и да аплицираат.
