Политика

Ковачевски ги демантира обвинувањата на Мицкоски дека се подготвува бинационална држава

25.05.2023 14:38

Уште една од лагите и манипулациите на ВМРО-ДПМНЕ за замајување на јавноста, Ковачевски одговори на обвинувањата на Мицкоски дека се подготвува бинационална држава. Вели, работната група има јасно утврдена цел, измена на преамбулата за внесување на другите народи во Уставот. Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска со тврдење дека се заговара редефинирање на државата…

На опозицијата не и останува ништо, освен да измислува нови небулози кои шират паника кај народот. Вака Премиерот Ковачевски одговори на обвинувањата на неговиот политички опонент Мицкоски кој тврди дека со уставните измени е договорена и бинационална држава. Тој посочи дека ова се истите лаги со кои ВМРО-ДПМНЕ го лажел народот дека државата ќе се кантонизира а со францускиот договор ќе се бугаризира. За уставните измени Ковачевски вели дека тоа е обврска од преговарачката рамка, а откако ќе заврши тој процес ќе се отворат кластерите и поглавјата.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак со тврдење дека во комисијата за подготовката на уставните амандмани се разговарало Македонија да биде држава на два народи, неколку етнички заедници и малцинства. Опозицијата бара одговор од Ковачевски, дали прифатил државава да е бинационална и дали во наредниот период ќе се реализира посебна кампања, која треба да ја убеди јавноста во таа идеја.

Откако е формирана работната група составена од 23 члена, која треба да работи на подготовката на уставните амандмани, усвоен е само деловникот. Претседателката Маргарита Цаца Николовска рече дека немаат мандат, освен за нивниот нацрт текст.

Викторија Милевска