Здравство

Меџити најавува укинување на економските директори, Клинички ќе има еден генерален директор

25.05.2023 14:41

Клиничкиот центар ќе има еден генерален директор, кој ќе ги раководи сите клиники, соопшти министерот за здравство. Меџити вели се прават последните подготовки и информацијата ќе биде испратена до владата...

Од идната година Клиничкиот центар ќе има еден генерален директор, кој ќе ги раководи сите Клиники. Министерот за здравство вели се прават последните подготовки и информацијата ќе биде испратена до владата. На овој начин ќе се штеди и ќе има поголема соработка меѓу клиниките. А, работната позиција економски директор ќе се укине. Меџити не е засегнат од политички притисоци, вели функционално здравство е дел од скринингот на Европската унија и мора да се направи.

„Нема да имаме загубари од 20 милиони евра, како заедничките служби, кои не знаат што работат. Ќе се набавуваат работи со поевтина цена и ќе има подобра соработка меѓу клиниките. До вчера како лекар имав проблеми со конзилијарните упати, некои не сакаат да потпишат, но со еден директор на Клинички центар ќе биде поинаку“, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

Пациентите од внатрешноста повеќе нема да мораат да патуваат во Скопје само за рецепт за одреден лек препишан од специјалист. Во иднина терапијата ќе ја препишуваат матичните лекари. Меџити најави дисперзирање на услугите, но и на специјалистите. По завршување на студиите по медицина, докторите ќе добијат вработување во местата од каде што доаѓаат, за да се спречи натамошен одлив на кадар.

„Донесовме дијагностика, скапи апарати, компјутери, ехо и сè друго, кои фаќаат прав во некој град низ Македонија, во некоја здравствена институција. Испраќаме кадри за колегите таму да не спијат туку да ги научат да ги работат. Ќе им пратиме едукатори од клиничкиот центар, за тоа да се развива и здравството полека да почне да оди на вистински пат“, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.

На промоцијата на апликацијата „Мое здравје“, која е нова услуга за електронско земање рецепти и резултати, најави надминување на проблемите со „Мој Термин“.

 

 

 

 

 

Андријана Ѓурческа