ПИСА: Се очекува добар резултат на учениците и унапредување на образованието
Оваа година тестирањето по меѓународната програма ПИСА е пробно, а в година ќе биде задолжително. Ќе се полага еднаш на 5 години...

Колку знаат да читаат, пишуваат, решаваат задачи, како би се снаоѓале во одредени ситуации од секојдневниот живот. Ова се само дел од прашањата по кои пробно беа тестирани 1.500 средношколци од прва година.
Учениците од „Ѓорѓи Димитров“ и „Раде Јовчевски Корчагин“ велат дека прашањата биле лесни.
„Беше лесен, бидејќи прашања беа од општа култура... Одговорив најдобро што можев, прашањата беа лесни“, велат учениците.
Неколку недели пред тестирањето, наставниците и педагозите минаа низ обуки. Раководителите на дел од скопските училиштата очекуваат средношколците да имаат добар успех.
„Поготовките од страна на државниот испитен центар во изминатиот период беа извршени, очекуваме добри резултати... Резултатите да бидат искористени за подобрување и унапредување на досегашните програми“, велат професорите.
Оваа година тестирањето по меѓународната програма ПИСА е пробно, а в година ќе биде задолжително. Ќе се полага еднаш на 5 години. Учениците нема да добијат оценки, ниту тоа ќе влијае на нивниот успех.
Со тестирањето ќе бидат опфатени 38 средни училишта низ земјава. Македонија втор пат се приклучува кон меѓународното оценување. Првото беше спреоведено во 2001-та година. Според резултатите ќе се изготвуваат и нови реформи кои ќе треба да го подобрат квалитетот на образованието.
Македонија се приклучи кон 60-те држави од целиот свет кои ја користат ПИСА програмата за меѓународно оценување на образованието. Се смета за една од најчесто користените алатки за проверка на знаењето и за лоцирање на недостатоците во образовните системи.
Викторија Тодоровска
