Костадиновска-Стојчевска: Македонската сликовница има силни автори, вложуваме во иднина која ветува поширока афирмација
На панел-дискусијата „Од буква до приказна“, посветена на текстот во сликовниците, Костадиновска-Стојчевска посочи дека сликовницата е сериозна работа и дека на секоја одделно треба да ѝ се пристапи како на уметничко дело...

„Во ден по денот во кој со должна почит ги чествуваме сесловенските просветители, солунските браќа Свети Кирил и Методиј, ми причинува задоволство што сум дел од овој разговор. Јас така го доживувам овој панел „Од буква до приказна“. И разговорот, како и приказната, започнува со буква. А без буква нема азбука, без азбука нема збор. Без збор, нема приказна. А без приказна, нема ни буква“, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера 2023“.
На панел-дискусијата „Од буква до приказна“, посветена на текстот во сликовниците, Костадиновска-Стојчевска посочи дека сликовницата е сериозна работа и дека на секоја одделно треба да ѝ се пристапи како на уметничко дело. Во тој контекст, таа додаде дека Министерството за култура е силен сојузник и поддржувач на овој Фестивал за литература и илустрација за деца.
„Пред 10 години издавачите се жалеа дека е загрижувачки мал бројот на наши автори на сликовници и воопшто на книги за деца и млади и дека затоа се принудени да преведуваат странски автори или да препечатуваат стари изданија само колку да има наши автори. Таа слабост ја увиде и Министерството за култура и, за среќа, во последниве три години, состојбата се менува. Во меѓувреме, за среќа, се појавија и нови генерации кои со својот талент и страст целосно се посветија на оживување на овој битен сегмент од литературата“, рече министерката за култура.
Таа додаде дека наша заедничка задача е да ја поттикнеме љубовта на децата кон книгата и да им создадеме култура на читање и да им го вкорениме ставот дека, без разлика на сите нови алатки, незаменливо е чувството кога држите книга в рака. Министерката за култура изрази задоволство од фактот што и издавачките куќи ја осознаа важноста на сликовниците и, со својата креативност и иновативност, помагаат сликовниците да се „центар“ на интересот на децата.
Таа потсети дека Министерството за култура со години, преку Годишната програма за поддршка на проекти во културата, поддржува сè повеќе наслови од овој вид книжевен израз, посветен на најмалите.
