Седница на Работната група за уставни измени
Работната група за подготвување на Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот денес ќе одржи седница …

Работната група формирана при Министерството за правда со задача за подготвување на Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот денеска ќе одржи седница. Како што соопштуваат од Министерството за правда при формирањето на групата, откако ќе бидат подготвени измените, предлогот ќе ги помине сите работни тела во рамки на Собранието, а паралелно со работата на групата ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови. Превидено е официјален предлагач на уставните измени да биде Владата.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека Работната група за уставните измени има обврска да ги подготви измените на Преамбулата на Уставот согласно преговарачката рамка, додавајќи дека тоа е обврска, која е императив и нејзина основна работа.
Лидерот на опозицијата Мицкоски во Кавадарци изјави дека е „загрижен од информациите што ги добива“ дека Работната група не работи само на внесување на „минималното бугарско малцинство“ во Преамбулата на Уставот, туку и за целосно редефинирање на земјата како држава на два народа.
Од Министерството за правда најавија и дека списокот на членови на Работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други експерти кои ќе дадат придонес во подготовката на уставните измени.
