Иницијатива за награда „11 Октомври“ за животно дело на Вања Лазарова

14.05.2014 15:40

Со добивањето државна награда, Лазарова автоматски ќе добие и национална пензија...

Единствениот наш изведувач кој има настапувано во Алберт Хол пред британската кралица Елизабета II и премиерот Черчил, прва и единствена која има издадено албум за издавачката куќа Philips, сеуште верува во македонската музика, а гласот не ја напушта и на нејзини 85 години.

Откако над девет илјади граѓани за неполни 24 часа се придружија на иницијативата на една од социјалните мрежи за поддршка на македонската певица да добие статус национален уметник и државна пензија, Министерката Канческа и Иво Јанковски од Трето уво со кого Вања соработуваше, ја посетија во домот за стари лица во кој таа престојува. Иницијативата за статусот на национален уметник е веќе поднесена. Голем е нејзиниот придонес на македонската музичка сцена.

Таа има испеано стотина македонски изворни народни песни, од кои најголемиот дел се снимени во МРТ. Голем е нејзиниот придонес во музиката од филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски кој доби награда „Златен Лав“ на фестивалот во Венеција во 1994 година.

Таа пензионерските денови ги поминува во домот за стари лица „Милица“ со многу пријателки на кои како што вели денот им го разубавува со музика.

Поддршка за добивање на наградата национален уметник и државна пензија Вања Лазарова секојдневно добива и од колегите музичари.

 

Александра Перевска