Во недела во Турција втор круг претседателски избори
В недела втор круг од претседателските избори во Турција. Ердоган по првиот круг излезе како фаворит, наспроти анкетите кои пред две недели предвидуваа дека опозицискиот лидер Киличдароглу ќе го спречи да освои трет мандат. Но, исходот покажа дека долгогодишниот турски лидер сè уште ужива поддршка од народот...

Турција в недела гласа на вториот круг од претседателски избори, откако ниту актуелниот претседател Реџеп Тајип Ердоган, ниту неговиот противкандидат Кемал Киличдароглу не го обезбедија потребното мнозинство за победа на 14 мај. И во овој круг од гласањето предизвик е излезноста во погодените подрачја од катастрофалните земјотреси. Жителите на јужна и југоисточна Турција поделени во мислењата за кандидатите.
„Ние веруваме дека Ердоган ќе ги обнови нашите домови кои се оштетени. Видовме дека домовите беа обновени многу брзо и во претходните земјотреси и веруваме дека и тој ќе го стори истото за нас“, Бајрам Сахин, поддржувач на Ердоган.
„Поминавме низ тешки денови за време на земјотресот. Владата не беше покрај нас. Ова е нашата најголема огорченост против власта. Три дена луѓето врескаа, лелекаа. На 14 мај, додека нашата болка сè уште беше голема, додека нашите луѓе сè уште беа закопани под урнатините, според мене беше погрешно луѓето кои гласаа за Ердоган да се возат во конвои со тапани“, изјави Баки Арабул, поддржувач на опозицијата.
Новиот Претседател зависи од волјата на 64 милиони гласачи. Двете спротивставени визии за иднината на Турција се на тест. Кемал Киличдароглу водеше кампања со ветување дека ќе ја отфрли авторитарната наклонетост на сегашниот претседател. Кампањата на Ердоган пак, се фокусираше на обнова на областите кои беа уништени од земјотресот и новите работни места.
„Нашиот лидер на власт не прави ништо за жените. Не знаеме што ќе се случи со жените утре или следниот ден и во каква состојба ќе бидат“, вели Сера Урал, поддржувач на опозицијата.
„Економијата не оди добро на глобално ниво. И Реџеп Таип Ердоган ќе го надмине ова во Турција. Под негово водство, економијата повторно ќе биде успешна. Повторно ќе бидеме прикажани како силна земја“, истакна Мехмет Нергис, поддржувач на Ердоган.
Исходот од претседателските избори во Турција е решавачки за иднината на земјата во услови на кревка економија, инфлација и се почестите обвинувања за доминацијата на Западот и Русија врз оваа членка на НАТО.
Маријана Димовска
