Политика

Алтернатива и БЕСА потпишаа политичка декларација за соработка

26.05.2023 14:25

Алтернатива и БЕСА повторно си подадоа рака. Касами и Гаши потпишаа политичка декларација за соработка. Ваквиот чекор е делегитимирање, како што велат, на оваа корумпирана и штетна власт за интересите на државата и Албанците...

Лидерите на БЕСА и Алтернатива повторно си подадоа рака – ќе формираат опозициски фронт. Откако Билал Касами и Африм Гаши беа сопартијци, а потоа со поделбата на БЕСА и политички ривали, во Собранието потпишаа декларација за соработка. Велат дека ќе бараат начин за артикулирање на албанскиот опозициски глас во земјава. Во соопштението посочуваат дека ова е чекор кон делегитимирање на корумпираната и неспособна власт.

„Наоѓајќи се во важна пресвртница, кога процесот на интеграција е во застој, кога политичката корупција стана единствениот успех на оваа влада, а правата на етничките Албанци повторно се ставаат во неповолна позиција, историскиот момент наметнува сите албански политички сили, но не само политички, да соработуваат за делегитимирање на оваа корумпирана, неспособна и штетна власт за интересите на државата и на Aлбанците“, се наведува во соопштението по средбата, испратено од БЕСА.

Лидерите на двете партии оставаат простор за приклучување и на други фактори кон овој блок. Поради внатрепартиски недоразбирања, во 2018 година Касами и Гаши се разидоа, по што беше формирана Алтернатива. Оваа партија беше дел од власта, а по влегувањето на Алијанса во владејачката коалиција, Гаши повторно стана опозиционер.

 

Андријана Ѓурческа