Русија

Русија распоредува нуклеарно оружје во Белорусија

26.05.2023 14:30

Русија го почна преносот на нуклеарно оружје во Белорусија, потврди претседателот на земјата, Лукашенко. Кремљ не ја потврдува информацијата....

Русија продолжи со планот за распоредување тактичко нуклеарно оружје во Белорусија. Ова е прво распоредување на такви бомби од страна на Кремљ надвор од Русија по падот на Советскиот сојуз.

„Рускиот претседател Путин ме информираше дека потпишал декрет за нашите активности за распоредување нуклеарно оружје во Белорусија. Одлуката е донесена. Моравме да подготвиме места за складирање и сето тоа го направивме. Затоа почна преместувањето на нуклеарните боеви глави“, изјави Александар Лукашенко, претседател на Белорусија.

Кремљ не ја потврдува информацијата. Вели оти двете држави се во непријателска средина што бара зајакнување на односите меѓу Москва и Минск.

„Знаеме дека Белорусија се соочува со многу непријателски, во најмала рака, манифестации од нејзините соседни држави. Слушнавме многу агресивна изјава против Белорусија во која се декларира намерата за мешање во внатрешните работи на земјата. И сето ова ни овозможува да заклучиме дека Белорусија е и ние самите, сме во многу непријателска средина“, изјави Дмитриј Песков, прес-секретар на рускиот претседател Владимир Путин.

Киев повторно под руски ракетни напади. Москва рече дека Украина извршила „неуспешен“ напад врз разузнавачки брод во Црно море.

„Сите непријателски чамци беа уништени со оган од стандардното вооружување на руски брод“, изјави Игор Конашенков, главен портпарол на руското Министерство за одбрана.

Поранешниот руски претседател Медведев смета дека поделбата на Украина може да и стави крај на војната. Предлага истокот да и се припои на Русија, а остатокот да се подели меѓу земји на ЕУ.

 

 

 

Марина Ристова