Битиќи беше дел од тркалезната маса на тема „Домувањето и младите во Северна Македонија“

26.05.2023 16:01

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на отпочнувањето на дискусијата на тема, „Домувањето и младите во Северна Македонија“...

Заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на отпочнувањето на дискусијата на тема, „Домувањето и младите во Северна Македонија“, организирано од Организацијата за домување и станари (ОДС) и Фондацијата „Фридрих Еберт“ (ФЕС).

Во неговото воведно обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека прашањето на домувањето зазема централно место, особено кога станува збор за помладите генерации.

„Пазарот на домување за многу млади поединци и семејства може да биде тешко достапен или во голем број и недостапен, што во нашата култура значи и попречување на нивната способност да постигнат независност, стабилност и чувство на припадност.

Денес сме овде преку инклузивна дискусија, да споделиме знаења, искуства и идеи, во насока да стекнеме подлабоко разбирање за предизвиците со кои се соочуваат младите поединци во пристапот до соодветно домување и да дојдеме до практични мерки или модели кои ќе дадат одговор на нивните посебни потреби“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи посочи дека домувањето не се однесува само на обезбедувањето на пристапност до градба, стан, куќа, туку станува збор за поширока социјална категорија која во себе вклучува создавање на заедница, негување на благосостојба и чувство на припадност.

„Младите имаат потреба од стабилност и поддршка за да напредуваат, да ги реализираат своите соништа и да придонесат за развојот на општеството. Уверен сум дека денеска ќе имаме отворени, конструктивни и иновативни дискусии кои, меѓу другото, ќе истражат нови пристапи и модели насочени кон зголемување на пристапноста на младите до квалитетни опции за домување, усогласени со нивните потреби кои постојано се развиваат“, рече Битиќи.

Вицепремиерот Битиќи во неговото обраќање ја посочи важноста за заедничко делување на надлежните државни институции, граѓанските организации, претставници на младински и студентски организации и на други актери кои се засегната страна може да создадеме иднина во која секој млад човек ќе има можност да напредува и да најде место кое ќе го нарече дом.

На крајот на своето обраќање, вицепремиерот Битиќи рече дека оваа тркалезна маса треба да се искористи како можност да ги поставиме темелите за посветла иднина на младите, во која домувањето нема да биде пречка, туку отскочна поткрепа за нивните аспирации.