Бесими: Усвоените измени на Законот за експропријација и за стратешко партнерство
Поефикасна и навремена реализација на градбите што се од стратешки интерес за државата е целта на измените на Законот за експропријација и Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д...

Поефикасна и навремена реализација на градбите што се од стратешки интерес за државата е целта на измените на Законот за експропријација и Законот за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, кои денеска беа усвоени во Собранието на РС Македонија.
Двете законски решенија се во насока на забрзана реализација на сите стратешки проектите и нивно реализирање во пократок временски рок, а кој ќе значат и пониски трошоци. Станува збор за законски измени кои не се прават наменски за овие два проекта, туку се измени кои ќе се применуваат за сите стратешки проекти од јавен интерес.
„Станува збор за законски решенија коишто ќе важат за сите проекти, не само за инфраструктурата на автопатските делници од Коридорот 8 и 10д и истовремено регулираат материја која се однесува на заштита на правата на граѓаните загарантирани со Устав. Не станува збор за новини, туку прецизирање на постојните законски одредби кои досега не можеа да се применуваат во пракса и ја одолговлекуваат реализацијата на проектите“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Двата проекта значат заокружување на инвестициите на Коридорите 8 и 10 и воспоставување целосна функционалност и одржување на добрата кондиција на патната инфраструктура, а со тоа земјата ќе се позиционира како неизбежна транспортна рута и дел од европските коридори. Ова е дел од транспортните политики на државата кои се засноваат на интеграција со регионот, како и поврзување на регионот со земјите членки на Европската Унија. Стратешка определба усвоена во Националната транспортна стратегија 2018-2030.
